Профил на Завод за заштита и рехабилитација

 

ЈУ Завод за заштита и рехабилитација - Бања Банско е установа која згрижува, негува, едуцира и рехабилитира лица со телесен инвалидитет и е единствена установа од ваков тип во Република Македонија.

Установата се наоѓа на влезот на Струмичкото село Банско, во близина на хотелот "Цар Самуил", под падините на планината Беласица. Се состои од два објекта со дворна површина од 22 000 метри квадратни, која е уредена со зелена површина, дрвја, цвеќиња и патеки за корисниците да може да се шетаат.

 

________ ______

 

Установата првпат е пуштена во употреба на 29 јуни 1974 година од Sue Ryder од Англија, која и ја финансирала изградбата на објектот. Во проектот е предвидено корисниците да може да се школуваат во установата. За таа цел примени се наставници за изведување на настава за основно образование, па во склоп на Заводот до ден денес успешно функционира училиштето. Бројот на корисниците постојано се зголемувал, поради што во 2001 година почнал да се гради и друг објект, кој е пуштен во употреба 2004 година, со што се подобруваат и условите за живот на корисниците. Капацитетот на Установата изнесува 65 легла. Моментално во нашата установа има сместено 61 корисник кои потекнуваат од региони на цела Македонија, заради тоа што е единствена Установа која згрижува лица со тешка попреченост во физичкиот развој на ниво на цела држава.

ЈУ Завод за заштита и рехабилитација - Бања Банско е државна институција и е под директна надлежност и заштита на Министерството за труд и социјална политика, кое и го сносува најголемиот дел од трошоците и финансирањето и Министерството за образование.

 

________ ______

 

На 2 септември 2007 година целосно беше опожарена едната зграда (постарата). Пожарот однесе и три човечки жртви, малолетни деца, корисници во Заводот. Сега зградата целосно е обновена, со помош на средства од Владата на Р. Македонија и донации од фирми и физички лица, на кои им изразуваме огромна благодарност за несебичната помош и хуманоста. Објектот е пуштен во употреба на 8 септември 2008год.

Copyright 2008 © Завод за заштита и рехабилитација Бања Банско - Струмица