Тековни настани и активности
Посета од претставници на Владата на РМ на чело со Премиерот, Г-дин Никола Груевски - Март 2011 год.
На 19. 03. 2011 год. во Заводот ни дојдоа во посета повеќе претставници на Владата на РМ, на чело со Премиерот Г-дин Никола Груевски. Корисниците за таа прилика имаа подготвено претстава, за да им посакаат добредојде на гостите. Премиерот на корисниците донираше облека, обувки и др. што беше голема радост за сите нив.
Активности по повод Велигденските празници - Април 2011 год.
По повод Велигденските празници, во Заводот се организираа повеќе активности. Корисниците учествуваа на традиционалната априлијада која се одржува во ОУ “Гоце Делчев” - Василево. Тие земаа активно учество на маскембалот што се одржува по тој повод и сите маски беа во знакот на пристигнувањето на пролетта. Потоа во Заводот ние имавме организирано вапцување на велигденски јајца, каде сите корисници имаа прилика да ја покажат својата креативност при украсувањето на јајцата. Беа организирани и турнири во шах, не лути се човече и пинг-понг, при што корисниците се натпреваруваа меѓу себе и со персоналот во Установата, а за најдобрите имаше и награди кои им ги подели Директорот. Исто така, на 24. 04. 2011 год. беше организиран и традиционалниот Велигденски пикник во дворот на Заводот. Корисниците сами се ангажираа околу подготвувањето на скарата. На пикникот присуствуваше и Владиката на Струмичката епархија - Наум, кој ни го честита празникот и им подели Велигденски јајца на сите корисници.
Еднодневна екскурзија во Крушево - 17 Април 2010 год.
На 17 Април, поголем дел од корисниците придружени од Директорот и дел од вработените, бевме за Крушево на еднодневна екскурзија, која беше организирана од страна на Владиката на Струмичката Епархија - Наум. Патувавме со автобуси на Струмица Експрес, најпрво бевме во посета на Вечното почивалиште на нашиот најголем музичар и хуманист Тоше Проески, корисниците му оддадоа почит и потоа заминавме во Манастирот Св. Преображеније. Таму не пречекаа мошне срдечно, и после ручекот се спремавме за враќање.
























