Досегашни настани и активности
ЈУ Завод за заштита и рехабилитација - Бања Банско има обавено повеќе активности, посети и разни дејности. Еве неколку позначајни од нив:
Прославување на Новата 2011 година
На 31.12.2010 год. во aулата на Заводот корисниците и персоналот на свечен начин го одбележаа дочекот на Новата 2011 година. По тој повод корисниците имаа спремено богата програма со која ги забавуваа присутните и се веселеа самите тие. Се одржа традиционалната лотарија, имаше приредба, сите пееја, се сликаа и веселеа. На крајот Директорот на сите присутни им ја честита Новата 2011 година, со желби за здравје, успех и среќа.
Посета на караванот на T-mobile по повод Новогодишните и Божиќните празници, 2011 год.
Како и секоја година, и оваа година не не заборавија хуманите луѓе од најголемиот мобилен оператор во Македонија T-mobile. Тие и годинава одвоија од своето време и не посетија пред Новогодишните празници. На корисниците им приредија изненадувања, дојдоа со дедо мраз кој на сите деца им подели пакетчиња, играа и се забавуваа заедно со нас, за што повторно им ја изразуваме нашата огромна благодарност и признание.
Посета од "Кожувчанка" ДОО - Кавадарци
По повод Новогодишните и Божиќните празници, кај нас во посета по традиција доаѓаат гости од разни организации и фирми, да им ја честитаат Новата Година на нашите корисници и да ги потсетат дека сеуште постојат хумани и добри луѓе кои мислат и на нив. Една од тие фирми е и "Кожувчанка" ДОО - Кавадарци. Тие на нашите корисници им донираа сокови и машина за миење садови, која навистина ни беше потребна, за што им ја изразуваме нашата огромна благодарност.
Донација од Академик Д-р Жан Митрев и посета од вработени од Специјалната болница "Филип Втори" - 19 Ноември 2010 год.
Академик Д-р Жан Митрев по посетата во Заводот, одлучи да на Заводот донира нова кујна, бидејќи постоечката беше дотраена. На кујната беа комплет реновирани ѕидовите и подот и на 19. 11. 2010 год. тој лично присуствуваше на пуштањето во функција на истата, воедно Д-р Жан Митрев на корисниците им подари скромни подароци и бидејќи истиот ден беше “Ден на дрвото”, тој заедно со корисниците и персоналот засади дрвце во дворот на Установата.
Посета од Хуманитарната организација "Мајка Тереза" и нејзиниот Претседател Стојан Тренчевски
Во Заводот на гости ни дојдоа и претставници од Хуманитарната организација "Мајка Тереза", а со своето присуство не почeсти и Претседателот Стојан Тренчевски. Нивната посета многу не израдува, бидејќи со своето присуство и изведба ги разведрија корисниците и ни дозволија да уживаме во заедничкото дружење. Тие на корисниците им подарија слики, изработени во техника витраж и документарен филм за нашата најголема хуманитарка во историјата, Мајка Тереза, додека нашите корисници им се заблагодарија со своја рачна изработка.
Јубилеј 35-та година на ЈУ Завод за заштита и рехабилитација - Бања Банско - 29 Јуни 2009 год.
На ден 29 јуни 2009 година ЈУ Завод за заштита и рехабилитација - Бања Банско славеше 35 години постоење. По тој повод беа поканети и присуствуваа Министерот за труд и социјална политика кој на корисниците им подари плазма телевизор, Д-р Мира Аџич од фондацијата Sue Ryder - Скопје, Професорот Љупчо Ајдински, Владиката на православната црква во Струмица Наум, Бискупот на Католичката црква во Македонија Д-р Киро Стојанов, Градоначлниците на општина Струмица, Босилово, Василево и Ново Село, Специјално училиште “Климент Охридски” - Ново Село, Специјален завод Демир Капија, повеќе меѓуопштински центри за социјална работа, беа поканети сите поранешни Директори кои веќе не работат во Заводот, сите лица кои се пензионирале од Заводот како и многу други гости.
Се одржаа пригодни активности и свечености во кои активно учествуваа корисниците со кои достојно се одбележа Јубилејот.
Содржина на програмата:
- Обраќање на Директорот на Завод Бања Банско и на Министерот за труд и социјална политика до сите присутни
- Презентација на досегашното работење на Установата и активностите на видео бим
- Приредба со драма, пеење и рецитирање од страна на корисниците од Заводот
- Коктел
Корисниците на Министрот на свој начин му се заблагодарија со поклонување на рачно изработена таписерија од нив, додека Директорот им се заблагодари со врачување на благодарници на Министерот, Д-р Мира Аџич, Професорот Љупчо Ајдински, Бискупот Д-р Киро Стојанов, заслужени поранешни работници и Директори за својот придонес за успешното работење на оваа Установа.
Прославување на година на Свети Павле 2008 - 2009 - 10 Мај 2009 год.
На 10 мај 2009 година во Католичката Катедрала - Скопје, Директорот на Установата со дел од корисниците, беа присутни на Прославување на година на Свети Павле 2008 - 2009, поврзано со 10 годишнина од епископската хиротонија на Н.В.П. д-р Киро Стојанов, Бискуп скопски и апостолски егзарх, Скопје, 1999 - 2009. На свеченоста беа присутни Претседателот на Република Македонија Г-дин Ѓорге Иванов, Амбасадорите на Р. Полска и Р. Хрватска и Дипломатски корови од повеќе држави, како и многу верници меѓу кои голем дел беа од нашиот регион Струмица и околината. Нашите корисници на свој начин му го честитаа Јубилејот на Бискупот со подарок - своерачно изработена таписерија во форма на нашата држава и на неа аплициран државниот симбол - знамето на РМ. По завршувањето на свеченоста корисниците имаа кратка прошетка низ главниот град Скопје, која ја завршивме со ручек во ресторан во Градскиот парк.
Прием кај Папата Бенедикт - од 10 до 22 декември 2008 год.
Во периодот од 10 до 22 декември 2008 година група на корисници придружувани од медицинско лице и стручен соработник, предводено од Директорот, со комбе кое е прилагодено на потребите на корисниците ги посети Рим и Ватикан во Италија. Цел на патувањето е приватна аудиенција кај Папата Бенедикт 16-ти во Ватикан. Неколку дена беа и во Хрватска. Финансиските средства и сместувањето за ова патување се обезбедени од донации од македонски фирми, Полски Дом “Иван Павле 2” во Рим и Католичка Бискупија во Скопје.
Отварање на Заводот (опожарената зграда), 8 август 2008 год.
По трагичниот настан пожарот што ни се случи на 2 септември 2007 година, веднаш започна санирањето на штетите и подготовките за обновување на опожарената зграда. Финансирано од Владата на РМ и донации од повеќе фирми и физички лица, повторно се изгради и комплетно обновена и опремена за потребите на нашите корисници се пушти во функција на 8 август 2008 година. Отварањето беше свечено, со гости, свештени лица и медиуми.
Галерија на слики од досегашните настани и активности
За најновите и тековните настани прочитајте овде.







































